Увоз
При увоз на стока царинскиот орган наплатува увозни и извозни давачки и други давачки и даноци во согласност со прописите со кои се регулирани овие видови на давачки и даноци.
Странска стока може да се внесе на царинското подрачје преку царински гранични премини во времето кога тие се отворени за промет.
За царинските гранични премини се сметаат граничните премини преку кои се врши промет на патници или стока во согласност со царинските или другите прописи и нивната категоризација.
Увозот за стоката која подлежи на фитосанитарна, ветеринарна или друга пропишана контрола е дозволен само преку граничните премини кои во согласност со прописите од соодветната област се одредени за внесување и изнесување на таква стока.
Стоката која е внесена во царинското подрачје е предмет на царински надзор од моментот на нејзиното внесување. Таквата стока може да биде предмет на контрола од царинскиот орган во согласност со важечките прописи.
Стоката останува под царински надзор се додека е потребно да се одреди нејзиниот царински статус.
Стоката внесена во царинското подрачје без одложување се пренесува до:
- царинскиот орган на граничниот премин или до друго место определено или одобрено од царински орган или
- слободна зона, доколку стоката се носи директно по:
- воден или воздушен пат или
- по копнен пат без преминување преку други делови на царинското подрачје кога слободната зона се наоѓа на копнената граница на Република Македонија и друга земја.
Сета стока која се става во царинска постапка мора да биде опфатена со царинска декларација за таа царинска постапка.
Царинската декларација се поднесува:
- во писмена форма;
- со употреба на техника за електронска обработка на податоци кога тоа е одобрено од царинскиот орган или
- усно или на кој било друг начин со кој лицето кое ја поседува стоката бара ставање на стоката во царинска постапка.
Царинска декларација во писмена форма се поднесува на пропишан образец. Царинската декларација во писмена форма мора да биде потпишана и мора да ги содржи сите податоци кои се неопходни за спроведување на царинските прописи со кои е регулирана царинската постапка за која стоката е декларирана.
Кон царинската декларација се приложуваат сите документи потребни за спроведување на прописите со кои е регулирана царинската постапка за која стоката е декларирана.
Кога со прифаќањето на царинската декларација настанува царински долг, стоката опфатена со царинската декларација нема да се пушти доколку царинскиот долг не се плати или не се поднесе гаранција.