Што е привремен увоз?
Привремен увоз е царинска постапка со економски ефект која овозможува употреба на странска стока во царинското подрачје, со целосно или делумно ослободување од плаќање на увозни давачки и без примена на мерки на трговска политика, ако истата е наменета за повторен извоз во непроменета состојба.
Што се транспортни средства?
Транспортни средства е поим кој го опфаќа секој брод, аероглисер, летала, патнички моторни возила (вклучувајќи моторцикли, приколки, полуприколки и комбинација на возила) и шински возила.
Правна основа и документи
Конвенција за привремен увоз – Истанбулска Конвенција
https://customs.gov.mk/index.php/mk/za-nas-mk/megunarodna-i-meguinstitucionalna-sorabotka/megunarodni-konvencii-menu-mk-2/1141-kon-istanbulska
Царински закон (ЦЗ) - членови 150 – 157
https://customs.gov.mk/index.php/mk/za-nas-mk/carinska-regulativa
Уредба за спроведување на царинскиот закон (УСЦЗ)– членови 367 – 374
https://customs.gov.mk/index.php/mk/za-nas-mk/carinska-regulativa
Пропишани услови за привремен увоз на патнички моторни возила
- Член 370 од УСЦЗ
Привремен увоз на транспортни средства, со целосно ослободување од увозни давачки, може да се одобри кога тие се регистрирани надвор од царинското подрачје на име на лице со седиште или живеалиште надвор од царинското подрачје, се употребуваат од лице со седиште или живеалиште надвор од царинското подрачје и во случај на комерцијална употреба се употребуваат исклучиво за транспорт кој започнува или завршува надвор од царинското подрачје.
Рокот за привремениот увоз е 6 месеци во период од 12 месеци.
2. Член 371 т. б) и в) од УСЦЗ
Лица со седиште во царинското подрачје целосно се ослободуваат од плаќање на увозни давачки кога употребуваат транспортни средства во итен случај и не подолго од 5 дена или се употребуваат од друштво за изнајмување за повторен извоз во рок не подолг од 5 дена.
3. Член 372 став (1) од УСЦЗ
Физички лица со живеалиште или одобрен престој во царинското подрачје целосно се ослободуваат кога приватно повремено употребуваат транспортни средства, по упатства на носителот на регистрацијата кога тој во моментот на употребата се наоѓа во царинското подрачје.
Овие лица исто така целосно се ослободуваат од увозни давачки за приватна употреба на транспортни средства изнајмени врз основа на писмен договор со цел да се вратат во нивното место на живеење во Република Северна Македонија (рок 5 дена) и да ја напуштат територијата на Република Северна Македонија (2 дена), врз основа на писмен договор за промена на местото на живеење.
4. Член 373 став (2) од УСЦЗ
Привремен увоз со целосно ослободување од увозни давачки се одобрува на патнички моторни возила кои комерцијално или приватно ги употребува физичко лице со живеалиште или одобрен престој на царинското подрачје и вработено од сопственикот на транспортните средства со седиште надвор од царинското подрачје или на друг начин овластен од сопственикот. Приватната употреба треба да биде предвидена со договорот за вработување.
Во случај на комерцијална употреба, рокот за завршување е времетраењето на комерцијалната употреба, а во случај на приватна употреба, рокот за завршување е 6 месеци во период од 12 месеци.
Известување на Царинската управа за привремен увоз за патнички моторни возила
Царинската управа како дел од своите законски надлежности врши контрола на спроведување на царинските постапки и контрола на стоките кои влегуваат, излегуваат или транзитираат на територијата на Република Северна Македонија. Во тие рамки се и активностите на царинските службеници за проверка на основаноста за внесување и користење на возила со странски регистарски таблици на граничните премини. Притоа се проверува дали и кои лица можат да внесуваат и користат на територијата на Република Северна Македонија патнички моторни возила со странски регистарски таблици.
Критериумите и условите за внесување и користење на овие возила се пропишани во прописите кои ги применува Царинската управа и тоа: Истанбулската конвенција за приремен увоз, одредби од Царинскиот закон и одредби од Уредбата за спровеување на Царинскиот закон.
Согласно горенаведените прописи, а со цел за информирање на јавноста и лицата кои поседуваат и/или управуваат возила со редовни странски регистарски таблици, Царинската управа го доставува следното појаснување:
- Странци можат слободно да внесуваат и управуваат возило со редовни странски регистарски таблици за време на нивниот привремен престој во Република Северна Македонија.
- Граѓаните на Република Северна Македонија имаат можност да внесат и управуваат возило со редовни странски регистарски таблици на територијата на Република Северна Македонија, доколку постојано живеат во странство и го користат возилото за време на нивниот престој во Република Северна Македонија.
Горенаведените лица можат привремено да внесат и да управуваат возило на територијата на Република Северна Македонија за време на нивниот престој, но, најмногу 6 месеци во период од 12 месеци, по што возилото мора да ја напушти територијата на Република Северна Македонија. Во спротивно ќе треба да се пријават на најблиската царинска испостава во местото каде привремено престојуваат и да започнат соодветна царинска постапка за увоз или привремен увоз на возилото
Граѓаните на Република Северна Македонија кои не живеат постојано по било кој основ во странство, односно постојано живеат во Република Северна Македонија, немаат право да внесат и управуваат возила со редовни странски регистарски таблици кои се регистрирани на нивно име. Доколку веќе поседуваат вакво возило граѓаните имаат можност да спроведат царинска постапка на увоз со плаќање на давачките.
Според тоа, доколку лице со македонско, странско или двојно државјанство има вообичаено место на живеење на територија на Република Северна Македонија, не смее да управува возила со редовни странски регистарски таблички, односно возила на кои не им се платени увозните давачките ( царина, данок на моторни возила и ДДВ). Во спротивно, тоа претставува потежок царински прекршок, кој покрај прекршочната казна може да опфати и примена на заштитна мерка одземање на возилото како предмет на прекршок.
Со ова известување Царинската управа дава одговор и на сите досега поставени прашања од лицата кои се засегнати од начинот на примена на прописите кои ја регулираат оваа материја.
Царинската управа останува посветена за еднообразна и целосна примена на царинските прописи. Царинската управа ќе продолжи со контрола на исполнетост на условите и критериумите за користење на возила со странски регистарски таблици на граничните премини и во внатрешноста.
За сите информации граѓаните може да се обратат на следнава електронска адреса:
info@customs.gov.mk