Акцизна дозвола

Лицата кои имаат намера да произведуваат, преработуваат, примаат, складираат и испраќаат добра подлежни на акциза во постапка на акцизно одложување треба да поседуваат акцизна дозвола.

Акцизна дозвола се издава на лице кое ги исполнува следните услови:

  • врши или има намера да врши дејност поврзана со акцизни добра и има седиште во Република Северна Македонија;
  • води уредно деловни книги согласно со важечките прописи и редовно поднесува годишни пресметки во последните две години;
  • против кое не е покрената постапка за стечај или ликвидација;
  • да не е осудено со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор за сторено кривично дело од областа на даноците и царините и со правосилна судска одлука да не е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност, привремена забрана за вршење одделна дејност и трајна забрана за вршење одделна дејност
  • да ги има намирено долговите по основ на даночни и царински обврски;
  • има воспоставено соодветни стандарди за безбедност и сигурност кои се сметаат за исполнети кога барателот докажува дека одржува соодветни мерки кои ја гарантираат безбедноста и сигурноста на областите на физички интегритет и контроли на пристап, логистички процеси и ракување со акцизните добра, вработените и идентификација на неговите деловни партнери;
  • исполнува услови за електронска размена на податоци и
  • пред издавањето на акцизната дозвола да поднесе гаранција за обезбедување на акцизниот долг кој настанал или кој би можел да настане.

Акцизната дозвола се издава врз основа на поднесено барање за издавање на акцизна дозвола во компјутерскиот систем на Царинската управа СОЦДАД со придружни документи пропишаните согласно Правилникот за начинот на оданочување со акциза на алкохол и алкохолни пијалаци и тутунски производи и Правилникот за оданочување со акциза на енергенти.

ЛИСТА НА ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ИЗДАВАЊЕ НА АКЦИЗНА ДОЗВОЛА ЗА АЛКОХОЛ

ЛИСТА НА ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ИЗДАВАЊЕ НА АКЦИЗНА ДОЗВОЛА ЗА ТУТУНСКИ ПРОИЗВОДИ

ЛИСТА НА ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ИЗДАВАЊЕ НА АКЦИЗНА ДОЗВОЛА ЗА МИНЕРАЛНИ МАСЛА

Линк од СОЦДАД: https://trader.customs.gov.mk/trader-meos-ui/protected/main.htm

Обврски на имател на акцизна дозвола

Држателот на акцизен склад е должен:

  • да обезбеди соодветно чување на акцизните добра во акцизниот склад;
  • да ги надгледува и да ги декларира кај надлежниот царински орган сите постапки на производство, преработка, складирање, испорака и прием на акцизни добра;
  • да ги констатира загубите, односно кусоците на акцизните добра и да го извести надлежниот царински орган;
  • да проверува дали постојат било какви неправилности во работењето со акцизниот склад;
  • да обезбеди услови за непречено вршење на надзор и контрола;
  • да води уредна и точна евиденција на акцизни добра;
  • да го следи обезбедувањето на акцизата и доколку е потребно да го зголеми износот на гаранцијата и
  • да го извести надлежниот царински орган за секоја промена на податоците и/или условите под кои е издадена акцизната дозвола и да побара измена на акцизната дозвола.

Детални информации се објавени тука

Плаќање на акциза

Акцизата се плаќа со пуштање на акцизните добра во промет од акцизен склад со поднесување на акцизна декларација за количините на акцизни добра кои се пуштени во промет во текот на календарскиот месец.

Акцизниот обврзник поднесува акцизна декларација до надлежниот царински орган и ја плаќа акцизата најдоцна до 15-ти наредниот месец. По исклучок, во случај ако последниот ден за плаќање на акцизата е неработен ден, акцизниот обврзник е должен пресметаната акциза да ја плати најдоцна првиот нареден работен ден.

Акцизната декларација се поднесува кај надлежниот царински орган во електронска форма.

Линк од СОЦДАД: https://trader.customs.gov.mk/myAccount-ui/protected/welcome.htm

По исклучок, лицата кои не се регистрирани во електронскиот Регистар на акцизни обврзници, а поседуваат, произведуваат, тргуваат, складираат, чуваат, преработуваат акцизни добра стануваат акцизни обврзници и поднесуваат акцизна декларација и плаќаат акциза согласно посебните одредби кои се однесуваат за конкретните акцизни добра од Законот за акцизите.

Во случај на увоз плаќањето на акцизата се врши согласно царинските прописи.

  1. Поднесување акцизна декларација и плаќање на акцизата за тутунски производи

Акцизата на тутунски производи се плаќа со нивното пуштање во промет од акцизен склад со поднесување на акцизна декларација и тоа:

    • за количините на тутунските производи кои се пуштени во промет од 1-ви до 15-ти во тековниот месец. Акцизниот обврзник ја пресметува акцизата и поднесува акцизна декларација до надлежниот царински орган најдоцна во рок од пет дена по истекот на периодот и ја плаќа најдоцна до крајот на тековниот месец и
    • за количините на тутунските производи кои се пуштени во промет од 16-ти до крајот на тековниот месец. Акцизниот обврзник ја пресметува акцизата и поднесува акцизна декларација до надлежниот царински орган најдоцна во рок од пет дена по истекот на периодот и ја плаќа најдоцна до 15-ти во наредниот месец.

Доколку последниот ден за плаќање на акцизата е неработен ден, акцизниот обврзник е должен пресметаната акциза да ја плати најдоцна првиот нареден работен ден.

Акцизни марки

Со акцизни марки се обележуваат жестоки алкохолни производи, меѓупроизводите и тутунските производи

Акцизни марки за жестоки алкохолни пијалаци и меѓупроизводи

Пуштање во промет на жестоки алкохолни пијалаци меѓупроизводи кои се произведени или увезени во акцизното подрачје е дозволено само доколку се обележани со акцизна марка издадена од Царинската управа на која се испечатени посебни ознаки и сериски број. Подетални информации за изгледот, видот и начинот на обележување со акцизни марки се пропишани во Правилникот за акцизни марки кој е објавен на следниот линк:

http://carina.mk/images/documents/zakoni/zakon-akcizi/PravilnikAkcizniMarkiAlkohol.pdf

Акцизната марка се лепи на соодветната амбалажа на алкохолниот пијалак, односно шишето, така што при отворањето ќе мора трајно да се оштети

Акцизни марки за тутунски производи

Акцизната марка се лепи на поединечното пакување под целофанската или друга проѕирна обвивка, така што ќе биде видлива, на начин што при отворањето на пакувањето трајно ќе се оштети. На оригиналните пакувања на пури и други тутунски производи, кои не се обвиткани со целофанска или друга проѕирна обвивка, акцизната марка може да биде залепена непосредно на пакувањето, на начин што при отворањето на пакувањето трајно ќе се оштети.

Тутунските производи кои не се обележани со акцизна марка, или се обележани со оштетена акцизна марка или на друг начин различен од пропишаниот се сметаат за производи на кои не е пресметана и платена акцизата и нивното пуштање во промет, купување и располагање на акцизното подрачје не е дозволено.

Трошоците за печатењето и за чувањето на акцизните марки ги определува надлежниот царински орган и ги наплатува од држателот на акцизен склад и увозникот со поднесување на пријавата за планирани количини на акцизни марки. Висината на трошоците се утврдува врз основа на трошоците за печатење, чување и издавање на акцизните марки.

Пред подигнување на акцизните марки држателот на акцизен склад и увозникот се должни да поднесат гаранција во висина на акцизниот долг кој може да настане.

Гаранција за обезбедување на акцизен долг

Држателот на акцизен склад и имателот на одобрение за повластен корисник на акцизни добра се должни до надлежниот царински орган да поднесат гаранција за обезбедување на плаќањето на акцизниот долг кој може да настане за акцизните добра кои се наоѓаат во постапка на акцизно одложување во согласност со одредбите од Законот за акцизите.

Исто так, држателот на акцизен склад, производителот или увозникот, како и малиот независен производител на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели – мала дестилерија се должни да поднесат и гаранција за обезбедување на акцизниот долг кој може да настане од подигнатите акцизни марки.

Гаранција за обезбедување на акцизниот долг кој може да настане се поднесува и за акцизните добра кои се движат во постапка на акцизно одложување на акцизното подрачје, освен во случаите кога акцизните добра се испраќаат преку фиксни цевководи на територијата на Република Македонија или кога акцизните добра се движат помеѓу акцизни складови на ист држател.

Акцизните обврзници до надлежниот царински орган поднесуваат барање за прифаќање на гаранцијата за обезбедување на акцизниот долг. Надлежниот царински орган по прифаќање на гаранцијата за обезбедување на акцизниот долг, ја внесува во својата евиденција.

Начинот на поднесување на Барањето за прифаќање на гаранција е опишан во насоката на следниов линк: https://customs.gov.mk/images/documents/akcizi/NasokaGaranciiAkciza.pdf