Плаќање на акциза за тутунски производи
Акцизата за тутунски производи се плаќа со поднесување на акцизна декларација.
Акцизата на тутунски производи се плаќа со нивното пуштање во промет од акцизен склад со поднесување на акцизна декларација и тоа:
- за количините на тутунските производи кои се пуштени во промет од 1-ви до 15-ти во тековниот месец. Акцизниот обврзник ја пресметува акцизата и поднесува акцизна декларација до надлежниот царински орган најдоцна во рок од пет дена по истекот на периодот и ја плаќа најдоцна до крајот на тековниот месец и
- за количините на тутунските производи кои се пуштени во промет од 16-ти до крајот на тековниот месец. Акцизниот обврзник ја пресметува акцизата и поднесува акцизна декларација до надлежниот царински орган најдоцна во рок од пет дена по истекот на периодот и ја плаќа најдоцна до 15-ти во наредниот месец.
При увоз, акцизата на тутунските производи се плаќа во роковите и начинот кој е предвиден за плаќање на увозните давачки, освен во случаи кога акцизните добра се движат во постапка на акцизно одложување.
Доколку последниот ден за плаќање на акцизата е неработен ден, акцизниот обврзник е должен пресметаната акциза да ја плати најдоцна првиот нареден работен ден.
Исправка на акцизна декларација се врши по поднесено барање до надлежниот царински орган во рок од пет години од датумот на поднесената акцизна декларација. По исклучок, рок на исправка на пријавената количина на акцизни добра во акцизната декларација е три месеци, при што обврзникот доставува дополнителна акцизна декларација со изменети податоци, а надлежниот царински орган по извршена проверка, врши исправка на декларацијата. За утврдена помала акциза од пријавената се врши пребивање на повеќе платената акциза или враќање на акцизата по поднесено барање. За утврдена повисока акциза од пријавената, акцизниот обврзник врши доплата на разликата на акцизата во рок од 15 дена од исправката на декларацијата.