Акцизни марки за тутунски производи
Пуштањето во промет на тутунските производи кои се произведени или увезени на акцизното подрачје е дозволено само доколку истите се обележани со акцизна марка издадена од Царинската управа на која се испечатени посебни ознаки и сериски број.
Акцизните марки од Тип 1, Тип 2 и Тип 3 содржат холограмска лента со ширина од 5 мм вертикално поставена на левата страна од акцизната марка, заштитни ознаки со сериски број, податоци за број на пушачки единици во пакувањето или тежина изразена во грамови или зафатнина изразена во милилитри течност за полнење на електронски цигари.
Акцизните марки од Тип 4 и Тип 5 содржат холограмска лента со ширина од 5 мм вертикално поставена на левата страна од акцизната марка и заштитни ознаки со сериски број.
Акцизните марки од Тип 1 и Тип 4 се со ширина 44 мм и висина 20 мм, се изработуваат од бездрвна хартија во правоаголна форма и се користат за обележување на сите видови тутунски производи.
Акцизните марки од Тип 2 се со ширина 36 мм и висина 15 мм, од Тип 3 и Тип 5 се со ширина 44 мм и висина 15 мм, се изработуваат од бездрвна самолеплива хартија во правоаголна форма и се користат за обележување на сите видови тутунски производи освен цигари.
Акцизни марки може да добијат производителот и увозникот на тутунски производи, по поднесено барање до надлежниот царински орган.
Акцизната марка се лепи на поединечното пакување под целофанската или друга проѕирна обвивка, така што ќе биде видлива, на начин што при отворањето на пакувањето трајно ќе се оштети. На оригиналните пакувања на пури и други тутунски производи, кои не се обвиткани со целофанска или друга проѕирна обвивка, акцизната марка може да биде залепена непосредно на пакувањето, на начин што при отворањето на пакувањето трајно ќе се оштети, а лепењето на акцизните марки може да се врши во царински или акцизен склад.
Тутунските производи кои не се обележани со акцизна марка, или се обележани со оштетена акцизна марка или на друг начин различен од пропишаниот се сметаат за производи на кои не е пресметана и платена акцизата и нивното пуштање во промет, купување и располагање на акцизното подрачје не е дозволено.
Обврската за обележување со акцизни марки не важи за:
- тутунските производи кои патниците ги внесуваат од странство и не се опфатени со членот 48 став (1) точка 3) од Законот за акцизите;
- тутунските производи кои државјаните на Република Македонија и странските државјани ги примаат од странство во согласност со царинските прописи и не се опфатени со член 48 став (1) точка 4) од законот и
- тутунските производи кои се увезени во акцизното подрачје и се пуштаат во промет на меѓународен саем, изложба или друга приредба или како мостри.
Во овие случаи акцизата мора неодложно да се пријави кај надлежниот царински орган и веднаш да се плати.