Мали производители на вино за комерцијални цели - мала винарница
Мал производител на вино за комерцијални цели – мала винарница треба да ги исполнува условите за производство и промет на вино со вкупно годишно производство на вино не поголемо од 100.000 литри.
Малиот производител на вино за комерцијални цели е должен пред започнување на производството на вино да поднесе барање до надлежниот царински орган за издавање на одобрение за мал производител на вино за комерцијални цели во компјутерскиот систем на Царинската управа СОЦДАД со придружни документи пропишани согласно Правилникот за начинот на оданочување со акциза на алкохол и алкохолни пијалаци и тутунски производи.
Барањето за издавање на одобрение се поднесува во СОЦДАД на следниот линк: https://trader.customs.gov.mk/trader-meos-ui/protected/main.html
Во случај на извоз на вино произведено од мал производител на вино за комерцијални цели, по поднесено барање надлежниот царински орган ќе овозможи поднесување на електронски административен документ согласно одредбите со кои е уредено движењето на акцизните добра во постапка на акцизно одложување. Малиот производител на вино за комерцијални цели е должен да го извести надлежниот царински орган и да достави податоци за извоз на виното во постапка на акцизно одложување најдоцна седум дена пред испраќањето.
Малиот производител на вино за комерцијални цели не поднесува гаранција за обезбедување на акцизата, освен во случаи на неисполнување на обврските кои произлегуваат од издаденото одобрение за мал производител на вино за комерцијални цели, по барање на надлежниот царински орган.